Расизмот и понатаму е горлив проблем на италијанскиот фудбал кој постојано излегува на површина и на највисоко ниво. На неодамнешниот натпревар на Аталанта и Наполи во Бергамо, каде гостите ја продолжија борбата за шампионската титула и победија со 1:3, капитенот на Наполи, Сенегалецот Калиду Кулибали повторно беше цел на расистички дел од публиката.
По овој инцидент, капитенот на Аталанта, Мартен де Рон, му се извини на фудбалерот на Наполи за скандалозното однесување на навивачите.
„Ме натажува фактот дека во фудбалот се уште постои расизам. Во име на сите вистински навивачи на Аталанта и луѓето од Бергамо, сакам да му се извинам на Кулибали“, изјави капитенот на Аталанта.