Top Sport

Капитенот на Мароко: Би било убаво да го освоиме третото место на СП

Капитенот на мароканската фудбалска репрезентација Роман Саис изјави дека комплетниот тим е разочаран по поразот од Франција, но дека пласманот во полуфиналето на Мундијалот е исклучителен резултат и дека освојувањето на третото место ќе биде поттик за претстојните натпревари.

„Разочарани сме. Ние сме конкурентни и би сакале да одиме до крај, но постигнавме нешто извонредно. Не е готово, останува уште еден натпревар. Би било прекрасно да го освоиме третото место. Ова би ни послужило за следните натпреварувања, светски првенства, африкански купови како голема мотивација“, изјави Саис.

Мароко не успеа да се пласира во финалето на Светското првенство во Катар, откако синоќа загуби со 2:0 од актуелниот шампион Франција.

„Во фудбалот се е можно кога ги правиш вистинските работи, кога имаш дух и желба да дадеш сѐ од себе на теренот. Сакаме да му донесеме трофеј на Мароко. Благодарен сум на сите Мароканци, тие беа вредна помош за нас за време на натпреварите, без разлика дали овде или во Мароко, нашите навивачи, нашите семејства, имавме исклучителна поддршка и горди сме што им овозможивме да го искусат тоа“, истакна капитенот на Мароко.

Тој мораше да го напушти теренот во првото полувреме поради повреда.

„Имав преглед пред натпреварот и се чувствував добро, но по една акција се повредив. Не жалам за тоа, но повеќе би сакал тоа да се случеше на загревањето, за да можам да се откажам од моето место на теренот. Сепак, игравме осминафинале, четвртфинале, направивме многу добри работи за Мароко“, изјави Саис.

Scroll to Top