Top Sport

Кејн: Нема место за паника

Капитенот на англиската фудбалска репрезентација Хари Кејн истакна дека навивачите не треба да паничат поради лошите резултати на репрезентацијата во пресрет на Мундијалот.

Пред два дена „Гордиот Албион“ загуби од Италија со 1:0 во натпреварот од петтото коло од А дивизијата на Лигата на нации.

Англија моментално е последна на табелата со само два бода, а со поразот од Италија испадна во дивизијата Б од Лигата на нации.

„Не паничиме, знаеме дека треба да се подобриме. Секако дека ја разбирам фрустрацијата на навивачите. Бев навивач на Англија и сè уште сум. Ако имаме добар турнир, не сум сигурен дали луѓето ќе бидат загрижени за резултатите од ова лето. Знам дека треба да го поправиме“, изјави Кејн.

Англија во понеделник на „Вембли“ против Германија ќе го одигра последниот натпревар во Лигата на нации.

“Навивачите се секогаш одлични и не поддржуваат. Знам дека ќе бидат таму и во понеделник. Сите ќе бидат возбудени поради Светското првенство. Се надевам дека ќе им се оддолжиме со добри резултати”, додаде Кејн.

СП ќе се одржи од 20. ноември до 18. декември во Катар. Англија ќе игра во групата Б со Иран, САД и Велс.

Scroll to Top