Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп вели дека е неодговорно од УЕФА да им дава на градови како Баку големи финалиња, откако англиските навивачи се најдоа пред голем предизвик како да стигнат до Азербејџан пред финалето на Лига Европа меѓу Челси и Арсенал.
Фановите на лондонските клубови ги очекува патување од над 8.000 километри до Баку на 29 мај, без директен лет од Лондон до азербејџанската престолнина. Фановите на Ливерпул и Тотенхем, пак, се наоѓаат пред друг предизвик – скапите летови за финалето на Лигата на шампионите во Мадрид.
„Да, јасно е дека во Мадрид е исклучително скапо, но навистина е смешно да патуваш за финалето на Лига Европа во Баку. Не знам што доручкувале тие момци кои носат вакви одлуки. Лани бевме во Киев за финалето на Лигата на шампионите, и тоа е прекрасен град, но не беше веројатно дека некој руски тим или тим од тој дел на Европа ќе биде во финалето. Навистина неодговорно и сочувствувам со фановите“, вели Клоп.
Од друга страна навивачките групи на Тотенхем и Ливерпул издадоа заедничко соопштение осудувајќи ја високата цена на билети, сместување и летови до Мадрид за 1 јуни. Повратен билет од Лондон до Мадрид е 1.500 фунти, а хотелското сместување достигнува астрономски суми.
Дури и менаџерот на Тотенхем, Маурисио Почетино признава дека имал проблеми да најде сместување за неговото семејство.
„Се јавував во некои хотели во Мадрид за да резервирам соби, бидејќи не знам кој од моето семејство ќе биде таму, пријатели и луѓе од Аргентина. Но, беше тешко и цените се луди. Не е нормално што се користи ваква шанса за брза заработувачка“, изјави Почетино.