Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, смета дека изборот на Доналд Трамп за американски претседател и на Борис Џонсон за британски премиер биле „лош знак за целиот свет“, и додава дека не му е јасно како такви личности можеле да бидат избрани во демократски земји.
Трамп стана 45. американски претседател во 2016, додека Џонсон три години подоцна стана британски премиер.
„Морам да кажам дека последните два избори, прво со Доналд Трамп, а потоа со Борис Џонсон се лош знак за целиот свет дека вакви работи кои нема да функционираат можат да се случат повторно. Но, како општество го дозволивме тоа и не ми се верува дека тоа е можно. Еден веќе си е заминат, а другиот уште се мачи. Неверојатно“, вели Клоп.
Тој исто така го нападна и Најџел Фараж, еден од најголемите лобисти за „Брегзит“, оценувајќи дека понекогаш во британската политика нема логика.
„Зошто дозволуваме луѓе како Фараж и Џонсон да водат било кого во таа насока? Очигледно луѓето со нормален сенс не се потребни или не се користат. Сепак, тоа е проблемот, луѓето за кои гласаме и системот ни дава можност да избереме вакви луѓе“, додава Клоп.