Top Sport

Кои клубови никогаш не испаднале? Во Шпанија три, во Италија еден, во Англија ниту еден!

Испаѓањето од првата, или највисоката лига секогаш е „трауматично“ искуство за големите клубови и посебно за нивните навивачи. Но, малку клубови на светот можат да се пофалат дека никогаш немале такво искуство.

Во големите европски лиги, навистина се малку. Во шпанската Ла лига (порано Примера), само три великани се постојано во елитата од оснавањето на шпанската лига во 1929 година: Реал Мадрид, Барселона и Атлетик Билбао.

Овие три клуба се помеѓу оригиналните 10 клубови кои ја основаа лигата, покрај Реал Сосиедад, Атлетико Мадрид, Еспањол, Расинг Сандандер, Еуропа, Гечо и Реал Унион. Атлетико Мадрид, и покрај тоа што е третиот најуспешен клуб во историјата, тие испаднаа од лигата во втората сезона во 1929/30, за да се вратат во елитата во 1939/40 по шпанската граѓанска војна.

Во Италија ситуацијата е уште подрастична – од 1929 година, само Интер од Милано успеал да ги комплетира сите сезони во елитата. Милан подолго време беше второлигаш, додека Јувентус одигра една сезона во Серија Б во 2006 година по административното исфрлање од лигата по скандалот со местење мечеви, „Калчополи“.

Во фудбалската татковина, Англија може да се гледа на два формати – старата Прва Дивизија до 1992 година и Премиерлигата од 1992 година. Премиерлигата ја наследи старата Прва Дивизија во 1992 и оттогаш шест клуба немаат испаднато: Манчестер јунајтед, Арсенал, Тотенхем, Ливерпул, Евертон и Челси.

Меѓутоа, ако се смета старата Прва дивизија, формирана во далечната 1888 година, тогаш сите овие клубови поминале период во втора лига. Најдолга низа имаат Арсенал, кои се постојано во елитата  од 1920 година. Евертон последен пат биле второлигаш во 1954, Ливерпул во 1963, Манчестер јунајтед во 1975, Тотенхем во 1978, додека Челси во релативно блиската 1989 година.

Во „помалите“ лиги има повеќе примери на клубови кои постојано биле во елитата – Селтик и Абердин во Шкотска од 1890 година, Олимпијакос, Панатинаикос и ПАОК во Грција, Фенербахче, Галатасарај и Бешикташ во Турција, Порто, Бенфика и Спортинг Лисабон во Португалија, како и Ајакс, Феенорд, ПСВ Ајндховен и Утрехт во Холандија.

Во поранешна Југославија и нејзините наследници-држави, големата „четворка“ – Партизан, Црвена звезда, Динамо Загреб и Хајдук постојано се во елитата. Ако се земат во предвид сите земји наследнички на Советскиот Сојуз, само Динамо Киев (сега од Украина) и Динамо Тбилиси (сега од Грузија) се постојано во првата лига.

Scroll to Top