Top Sport

Комисо утре го презема Милан?

Американскиот милијардер Роко Комисо утре може да договори преземање на тимот на Милан, оставајќи му на сегашниот сопственик, кинескиот бизнисмен Јонгхонг Ли 15-20 отсто од акциите, тврди италијанскиот ТВ канал „Скај Спорт Италија“.

Комисо, познат како сопственик на Њујорк космос, според италијанските извори, понудил 500 милиони евра за клубот, плус гаранција да се покрие долгот од 380 милиони евра на фондацијата „Елиот Менаџмент“, со чија помош Ли го купи клубот од поранешниот италијански премиер, Силвио Берлускони.

Со оваа сума нема да се откупи целиот тим, барем на почеток, туку 80-85 отсто од акциите. Според „Скај Спорт“, преговорите траат веќе повеќе од еден месец, период во кој „росонерите“ се обидуваа да избегнат казна од УЕФА поради прекршувањето на финансискиот фер-плеј. Првиот чекор на новиот сопственик би бил да се вратат 32 милиони евра на „Елиот менаџмент“, откако Ли не успеа да ги собере потребните пари.

Роко Комисо е сопственик и претседател на „Медиаком“, петтата најголема кабловска ТВ во САД, а претходно работеше во компании како „Ројал бенк оф Канада“ и „Чејс Менхетен“ банката. Комисо е роден во Калабрија, но како 12-годишно момче се преселил во САД. Од 2017 тој е сопственик на Њујорк Космос, американскиот второлигаш кој ја има историјата на славниот Њујорк Космос од 1970-тите, за кој играа фудбалери како Пеле, Јохан Нескенс и Франк Бекенбауер.

Со ова би се ставило крај на мешаницата во седумкратниот европски шампион кој трае по сомнителната продажба на кинескиот сопственик и би можело да се почне со градење на тим каков што Милан заслужува.

Scroll to Top