УФЦ мегаѕвездата Конор Мекгрегор првпат во својот живот е на првото место на листата на спортисти со најголема заработувачка според магазинот „Форбс“, поминувајќи ги Лионел Меси и Кристијано Роналдо, откако имаше фантастична заработувачка надвор од октагонот.
Во последните 12 месеци, тој заработил неверојатни 180 милиони долари, најмногу од продажбата на својот бренд на виски „Пропер 12“ на „Проксимо спиритс“ за 150 милиони долари, за само вторпат да биде во топ 10, откако во 2018 година по мечот со Флојд Мејведер јуниор заработи 99 милиони долари.
Неодамна, „Ноториус“ најави дека сака да се впушти во нова авантура со купување на дел од фудбалските клубови Селтик и Манчестер јунајтед.
Уште тројца спортисти успеале да заработат над 100 милиони долари во последните 12 месеци – фудбалските мегаѕвезди Лионел Меси и Кристијано Роналдо, како и НФЛ квотербекот Дек Прескот.
Меси, кој минатото лето го одбележа со драматичното барање за напуштање на Барселона постави апсолутен рекорд за фудбалери со 130 милиони долари, a веднаш зад него е Роналдо со 120 милиони долари. Прескот, пак, постави рекорд за НФЛ играч со 107.5 милиони долари, откако доби бонус за потпис со Далас каубојс од 66 милиони долари.
Леброн Џејмс ја комплетира првата петорка со 95 милиони долари, а во топ 10 се и Нејмар (95 милиони долари), Роџер Федерер (90 милиони долари со само еден меч во последните 12 месеци), Ф1 шампионот Луис Хамилтон (82 милиони долари), НФЛ ветеранот Том Брејди (76 милиони долари) и Кевин Дурент (75 милиони долари).