Менаџерот на Тотенхем, Антонио Конте го опиша јануарскиот преоден рок на клубот како „многу чуден“, откако повеќе фудбалери заминаа од лондонскиот клуб.
Тотенхем ги добија Родриго Бентанкур и Дејан Кулушевски од Јувентус, но затоа на позајмица си заминаа нивното рекордно засилување Танги Ндомбеле, Џовани Ло Селсо, Брајан Хил (кој дојде во текот на летото), а продаден беше и Деле Али. Ова според Конте е доказ за „грешките“ кои биле направени во претходните преодни рокови и го предупреди претседателот Дејвид Леви дека мора да „обрне повеќе внимание“ тоа да не се повтори.
„Беше чудно во јануари да пратиме четири фудбалери на позајмица и да продадеме уште еден. Тоа значи дека треба да видите што сте направиле во минатото и да сфатите дека има некои грешки. Бидејќи обично купуваш играчи да го засилиш тимот. Но, ако ги праќаш на позајмица тие што си ги купил во последните две-три години, тоа значи дека нешто си згрешил. Затоа, мораме да обрнеме многу повеќе внимание во иднината кога ќе одиме на пазарот на играчи. Важно е да го засилиш квалитетот, а не да го ослабиш својот тим. Се надевам дека во клубот ме слушнаа, бидејќи имам визија и сакам да го подобрам тимот. Во минатото сум градел добра структура, тимови кои траат подолго, со или без мене“, вели Конте.