Антонио Конте повторно ја почна „војната на зборови“ со својот стар непријател, Жозе Мурињо, овојпат околу долгоочекуваниот трансфер на Кристијан Ериксен од Тотенхем во Интер.
Мурињо неколку пати велеше дека Конте се однесува непрофесионално бидејќи зборува јавно за обидите да донесат фудбалер на друг тим. Иако се очекуваше дека договорот е веќе склучен, тој уште не е официјализиран.
„Мислам дека Антонио го кажа тоа јавно и тоа не е во ред. Ние тренерите треба да се однесуваме на ист начин кога зборуваме за трансферите. Тоа треба секогаш да е тивко, додека нешто навистина не се случи“, изјави неодамна Мурињо.
Конте, кој неколку пати влегуваше во јавни дуели со Мурињо додека тој беше тренер на Челси, а Мурињо на Манчестер јунајтед, сега вели дека Мурињо му ги „извртува зборовите“.
„Веќе не зборувам за трансферите. Последен пат кога кажав нешто, некој кој добро го познаваме сите ми ги изврте зборовите и веќе не кажувам ништо. Не кажав ништо чудно и необично – јануарскиот преоден рок е тежок за сите тренери. Но, кога ќе кажам нешто, тоа се прави на ’големо’“, вели Конте.