Нови два натпревари вечерва ќе се одиграат во нокаут рундата во Лигата на шампионите. Европскиот првак Реал, во првиот меч од осмина-финалето ќе гостува кај Ајакс, додека Тотенхем ќе ја пречека Борусија Дортмунд.
Дуелот на арената „Јохан Крјф“ во Амстердам „тежи“ 17 трофеи во најквалитетното клупско натпреварување. Пред два месеци, Реал беше во криза и тогаш Ајакс делуваше како фаворит. Во меѓувреме работите се сменија, Реал ја кренаа својата форма, влегоа во серија на победи и се вратија во шампионската трка во Шпанија.
Од друга страна, формата на Ајакс е далеку од потребното ниво за вакви натпревари. Откако во првенството, на домашен терен, испуштија предност 3:1 против Херенвен (4:4), доживеаја дебакл во дербито кај Феенорд (2:6), а кризата ја продлабочија минатиот викенд со поразот од Хераклес.
Линиите во Реал, изминатиот месец, функционираат речиси беспрекорно, осовината Модриќ-Каземиро-Крос функционира одлично, Бензема влезе во голгетерска форма, а тинејџерот Винисиус Жуниор е вистинско освежување во нападот. Дополнителна стабилност и сигурност дава и дефанзивниот бедем во кој се Рамос и Варан.
Ајакс е комбинација на младост и искуство. Лидер во тимот е Србинот Тадиќ, за кого клубот на Саутемптон му плати рекордни 20 милиони евра. Тадиќ е прв стрелец (пет гола) и асистент (три асистенции) на Ајакс во Лигата на шампионите. Во нападот најголемата опасност доаѓа од поранешниот играч на Реал, Хунтелеар, а играта на тимот во многу нешта зависи од младите Де Лихт и Де Јонг.
Овие двајца се најбараните млади играчи во Европа, Де Јонг веќе го договори својот трансфер во Барселона, додека за Де Лихт ќе се „тепаат“ Баерн, Барселона, Јувентус, Манчестер Јунајтед, Манчестер сити.
На „Вембли“ во Лондон, Тотенхем ќе ја пречека прво пласираната екипа во Бундес лигата, Борусија Дортмунд. Имињата на тимовите и пристапот што го имаат кон играта гарантира две атрактивни пресметки.
Она што е важно пред првиот меч е што двајцата тренери, Маурисио Покетино (Тотенхем) и Лусиен Фавр (Борусија) имаат серизни кадровски проблеми.
Покетино не може да смета на најдобриот играч Кејн, потоа на Деле Али, Дејвис, веројатно и Ламела, додека кај Борусија ќе го нема капитенот Ројс, најдобриот стрелец Пако Алкасер, како и Аканџи, Вагл, Пишчек.
Натпреварите во Амстердам и Лондон ќе започнат во 21 часот.