Top Sport

Крузеиро се врати во Серија А – Роналдо плачеше од среќа

Роналдо Луис Назарио де Лима многумина го сметаат за најдобриот напаѓач на сите времиња. Славниот Бразилец купи два клуба по завршувањето на играчката кариера. Првиот е шпанскиот Ваљадолид, а вториот е славниот Крузеиро, клубот во кој ја започна својата брилијантна кариера.

Крузеиро беше во големи проблеми до доаѓањето на Роналдо, а пред три години испадна од елитниот ранг на бразилскиот фудбал, Серија А. По пристигнувањето во клубот во декември минатата година, Роналдо направи голем број промени. Прво го отпушти тренерот Вандерлеј Луксембурго, а потоа им ги намали платите на играчите.
Буџетот на клубот е намален од 4,5 милиони долари на само 1,8 милиони, а на играчите им било понудено или да си заминат или да прифатат нивните плати да бидат намалени.

Кога од клубот го избрка 41-годишниот голман Фабио, инаку икона на клубот, Роналдо влезе во конфликт со навивачите, но тоа не го поколеба. Роналдо не се откажа и целта му беше да го врати Крузеиро во елитниот ранг на бразилскиот фудбал.

И успеа. Крузеиро синоќа го победи Васко со 3:0 и обезбеди враќање во Серија А на седум кола до крајот.

Откако судијата означи крај на натпреварот во Бело Хоризонте, на трибините се изби лудило. Сите плачеа од среќа – навивачите, играчите, но и самиот Роналдо, кој успеа да го врати клубот кој четири пати беше шампион на Бразил и трипати шампион на Јужна Америка во елитата.

 

Scroll to Top