Челниците на Ла Лига соопштија дека повеќе нема да присуствуваат на состаноците кои ќе бидат во организација на Фудбалскиот сојуз на Шпанија. Недоразбирањата помеѓу Ла Лига и Унијата на професионалните фудбалери (АФЕ) од една и Фудбалскиот сојуз на Шпанија од друга страна кулминираше откако од Сојузот до медиумите ги проследиле аудио записите од последниот состанок.
Ла Лига ги обвиниле претседателот на Сојузот Луис Рибијалес и генералниот секретар Андреа Кампос дека тие самоволно на медиумите им овозможиле да дојдат до аудио записот од состанокот.
Сѐ започна кога Унијата на фудбалерите го обвини Сојузот дека намерно ја објавил снимката од состанокот со Ла Лига, а од Сојузот одговориле дека тоа го направиле бидејќи АФЕ имале „скриени намери“ и дека во јавноста пласирале погрешни информации за она што се случувало на состанокот и дека некој морал да ја исправи грешката.
Ла Лига и АФЕ најавиле дека ќе поднесат тужба против Фудбалскиот сојуз ан Шпанија.
Сојузот, Ла Лига и АФЕ имаат различни ставови по многу прашања, а недоразбирањата кулминираа во екот на пандемијата.