Top Sport

Лацио му дадоа профи договор на правнукот на Мусолини

Романо Флоријани Мусолини, правнукот на италијанскиот фашистички лидер Бенито Мусолини се пофали дека добил професионален договор со римскиот клуб Лацио.

Флоријани Мусолини играше како десен бек за У-19 тимот на Лацио минатиот месец, а сега тој вели дека потпишал тригодишен договор со клубот.

„Помислувајќи на тоа каде почнав, пресреќен сум што го имам првиот професионален договор со Лацио и следните три години ќе го носам овој прекрасен дрес“, напиша 18-годишниот Мусолини на Инстаграм.

Тој е најмладиот син на поранешната актерка и членка на Европскиот парламент, Алесандра Мусолини.

Лацио има многу „проблематични“ врски со фашистичкиот режим на Мусолини, иако во 1927 година тие беа единствениот италијански клуб кој се спротистави на планот на диктаторот да се спојат Лацио и Рома за да се направи посилен тим кој би конкурирал на северните клубови.

Во 2018 година, Лацио беа казнети 50.000 евра откако ултрасите го облепија „Олимпико“ со фотографии на Ана Франк во дрес на Рома, а во 2015 година, Пауло ди Канио, легендата на клубот, со фашистички поздрав прославуваше гол по победата на дербито против Рома.

Scroll to Top