Top Sport

Лапорта пак ги обвини навивачите на Барса за фијаското со билетите за мечот со Ајнтрахт

Претседателот на Барселона го повтори тврдењето дека клубот не е виновен за фијаското со билетите за германските навивачи на мечот со Ајнтрахт Франкфурт, поворно „удирајќи“ кон членовите на клубот и тур-операторите.

Германскиот клуб официјално доби 5.000 билети за мечот од четврт-финалето на Лига Европа, но на „Ноу Камп“ имаше над 30 илјади нивни навивачи, кои го поддржуваа тимот да стигне до 3:2 победа за елиминација и на Барса. Лапорта се извини за инцидентот и најави промена на начинот на кој се доделуваат билетите, но дел од фановите на Барса, во прв план навивачката група „Града Д’Анимасио“ го бојкотираше понеделничкиот меч против Кадиз.

Одговарајќи на критиките, Лапорта изјави дека во клубот нема вина.

„Клубот не е виновен за тоа што се случи против Ајнтрахт, но е одговорен. Ние не продадовме повеќе од 5.000 билети на германските фанови, купување од Германија не беше дозволена. Системот на контрола работеше, но некои организирани групи го саботираа тоа. Го наследивме системот од претходниот борд и мислевме дека ќе функционира, но очигледно не е така. Кој е виновен? Дел од членовите ги злоупотребија своите сезонски билети и ги продадоа на германските навивачи. Тажно е тешко да се замисли носители на сезонски билети да ги предаваат своите билети, но тоа се случи. Околу 7.000 членови купија билети со попуст и тие завршија кај Германците. Не сакаме лов на вештерки, но постои можност за контраакција. Исто така еден тур-оператор ја злоупотреби својата позиција и нивниот договор ќе биде раскинат“, вели Лапорта.

Scroll to Top