Top Sport

Лапорта посрамотен од германските фанови, но Барса инкасираше 3 милиони евра

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта потврди дека клубот ќе ја смени својата политика на издавање билети за европските натпревари, откако вчера зачудувачки над 30.000 фанови на Ајнтрахт Франкфурт беа на трибините на „Ноу Камп“ и покрај тоа што за гостинските навивачи беа определени 5.000 билети.

Како „сол на рана“, Ајнтрахт победи со 3:2 и ја елиминираше Барселона во четврт-финалето на Лига Европа и Лапорта признав дека бил „посрамотен“ од ситуацијата.

„Се чувствуваме навистина лошо, тоа беше срамотно. Шокиран сум од фотографиите кои се појавија и се чувствувм засрамен. Клубот не е виновен за настаните по кои билетите завршија кај германските фанови, но прифаќаме дека одговорноста е наша. Мерките кои ќе ги преземеме засега се тоа што билетите за европските натпревари нема да може да се пренесуваат на други лица“, вели Лапорта.

Од клубот исто така порачуваат дека и пред мечот блокирале германски ИП адреси за купување на билети, но тоа не беше доволно да се спречи. Од присутните на „Ноу Камп“, околу 38.000 беа носители на сезонски билети, 5.000 билети беа одредени за Франкфурт и 34.400 билети беа продадени на други начини.

Пред само две недели, Барса побара од носителите на сезонски билети кои не можат да бидат на мечевите да ги вратат билетите за да помогнат на клубот на два начини – финансиски преку продажбата и со подобрување на атмосферата на „Ноу Камп“. Минатата недела пак, билетите за мечот со Франкфурт се продаваа од 150 до 300 евра, а потпретседателката на клубот, Елена Форт потврди дека клубот заработил 3 милиони евра од продажбата иако тоа носело „горчлив вкус“ во устата.

Како се случи германска инвазија на трибините на „Камп Ноу“?

Scroll to Top