Top Sport

Лестер го отпушти Брендан Роџерс

Англискиот премиерлигаш Лестер го отпушти менаџерот Брендан Роџерс. Клупските челници се надеваа дека перформансите на тимот ќе се подобрат и покажаа малку трпение, но тимот е во зоната за испаѓање на 10 кола до крајот на сезоната. Вчера „лисиците“ загубија со 1:2 на гостувањето кај Кристал Палас, што беше шести пораз во последните седум натпревари во сите натпреварувања.

Роџерс пристигна во Лестер во 2019 година и го предводеше тимот до првиот ФА Куп во историјата на клубот. За време на неговата ера, тимот двапати завршуваше на петтото место во Премиерлигата и се пласираше во европските натпреварувања. Во 2022 година, „лисиците“ за првпат играа полуфинале на европски клупски турнир откако стигнаа до оваа фаза во Конференциската лига на УЕФА.

Лестер објави дека разделбата со Роџерс е со заедничка согласност.

„Постигнувањата на тимот под водство на Брендан зборуваат сами за себе. Имавме некои од нашите најдобри фудбалски моменти под негово водство и секогаш ќе му бидеме благодарни за височините што ни помогна да ги достигнеме“, изјави претседателот на Лестер, Ајават Шриваданапраба.

Scroll to Top