Баерн Минхен, за среќа го има неверојатниот Роберт Левандовски, кој со два гола ги „спаси“ Баварците за 3:2 победа над аутсајдерот Падерборн на „Алијанц арената“ во првиот меч од 23. Коло во Бундеслигата, осигурувајќи дека и следната недела ќе бидат лидери.
Мечот, започна добро за Баварците, откако Серж Гнабри во 25. минута ги донесе до очекувано водство. Меѓутоа, потоа во 44. минута, Мануел Нојер, кој честопати има навика да излегува далеку од својот гол, направи бизарна грешка и дозволи Денис Србени да израмни на 1:1.
Се мислеше дека работите дојдоа на своето место во 70. минута, кога Левандовски повторно ги донесе Баварците во водство, но само пет минути подоцна, по една убава акција и убава одбрана на Нојер, Свен Мичел израмни на 2:2.
Сепак, Левандовски во 88. минута обезбеди победа и три поени, откако по убавата асистенција на Гнабри постигна лесен гол. Со триумфот, Баерн останува четири поени пред РБ Лајпциг на врвот на табелата, додека Падерборн се последни со 16 поени.