Top Sport

Левандовски: Вака ми се заблагодаруваат бидејќи со години играв повреден и болен за Баерн

По 375 натпревари, 344 гола, 72 асистенции и освојување на сите трофеи, Роберт Левандовски се обидува да го напушти Баерн Минхен. Не крие дека сака да се пресели во Барселона.

Баерн ќе го пушти само доколку Барселона плати 50 милиони евра и тоа веднаш. Левандовски и Барселона сметаат дека со оглед на неговата возраст (наскоро ќе наполни 34 години), неговите заслуги во Баерн и фактот што договорот му завршува следното лето, тој заслужил да замине за симболична оштета.

Пред една недела Баерн ја одби третата официјална понуда на Барселона, иако таа беше повисока од претходните две. Сепак, 40 милиони евра фиксни, но на рати, и пет милиони евра преку разни бонуси не ги задоволија челниците на клубот од Минхен.

Левандовски не крие дека е револтиран и разочаран од односот на Баерн.

„Откако поминав толку години во клубот и секогаш бев подготвен и достапен, играв болен и повреден, и секогаш го давав максимумот, единствената вистинска работа би било да се најде решение за двете страни, а не да се инсистира на еднострано решавање на проблемот. Едноставно нема смисла, не после сите овие години. Би разбрал ако бев во Баерн две или четири години, но по толку трофејни години во кои помогнав клубот да победува, почитта и лојалноста треба да бидат поважни од бизнисот“, изајвил полскиот напаѓач.

Scroll to Top