Ливерпул стигна до втората победа во новата сезона од Премиер лигата, но за разлика од првото коло и убедливите 4:0 против Вест хем, во понеделникот им беше потребен гол од пенал и гол во 93. минута за да стигнат до 2:0 триумф на гостувањето кај Кристал палас.
Иако Салах, Робертсон и Кеита имаа солидни шанси во текот на првото полувреме, во најдобра позиција се најде Андрос Таунзенд, кој во 25. минута ја погоди пречката за домашниот тим. Во 45. минута, Салах беше фаулиран во шестнасетникот, а судијата Мајкл Оливер без размислување покажа пенал, додека домашните фудбалери протестираа. Џејмс Милнер не згреши од белата точка.
Кеита и Салах имаа убави шанси на почетокот на второто полувреме, а во 54. минута, Алисон покажа зошто е вториот најскап голман на светот, откако го одбрани одличниот слободен удар на капитенот на Палас, Србинот Лука Миливоевиќ.
Палас во 75. минута останува и со играч помалку, откако Арон Ван-Бисака доби директен црвен за фаулот над Мо Салах. Со играч помалку, тимот на Рој Хоџсон не можеше да направи нешто повеќе, и Садио Мане во 93. минута ги постави конечните 0:2 по брзиот контранапад.
Фото: ЕПА