Top Sport

ЛШ: Ајакс го „смачка“ и ЦР7 и Јуве, Меси и Барса го „поништија“ Јунајтед (видео)

Ајакс по Реал Мадрид му го „зеде скалпот“ и на Јувентус во неверојатниот реванш од четврт-финалето на Лигата на шампионите во Торино, победувајќи со 2:1 и уништувајќи уште еден сон на „бјанконерите“ за трофеј од ЛШ, додека Лео Меси и Барселона покажаа дека во моментов се класа над Манчестер јунајтед победувајќи ги рутински со 3:0 на „Ноу Камп“.

Сензационалниот млад состав на „копјаниците“ покажа дека е дораснат и за големи мечеви уште при 4:1 победата над Реал Мадрид на „Бернабеу“, но никој не им даваше поголеми шанси за пласман по 1:1 ремито со Јувентус во Амстердам. Полуфиналето изгледаше уште подалечно, кога Кристијано Роналдо во 28. минута уште еднаш им даде гол за Јуве да поведе со 1:0 по 28 минути игра.

Меѓутоа, Дони ван де Бек во 34. минута ја искористи лошата реакција на одбраната на Јуве за на одмор да се отиде со 1:1, пред во второто полувреме, тимот на тренерот Ерик Тен Хаг да доминира во играта и по низата шанси да стигне до 2:1 водство преку капитенот Матијс де Лихт во 67. минута. Ајакс постигнаа уште еден гол преку фантастичниот Хаким Зијеч во 81. минута, но тој беше поништен по консултација со ВАР системот.

Додека во Торино беше возбудливо и неивесно, на „Ноу Камп“ одличната атмосфера и големите најави на Манчестер јунајтед дека ќе бркаат победа по 1:0 поразот дома паднаа во вода на стартот на мечот.

По првичниот притисок на Јунајтед, на сцена стапи неверојатниот Лео Меси, кој прво во 16. минута постигна прекрасен гол од далечина, за четири минути подоцна пак да го совлада Давид де Хеа, кој направи огромен кикс. По ова водство, секако, играта спласна и Јунајтед веќе немаа шанси да направат нешто повеќе.

Сол на раните на Јунајтед стави поранешниот фудбалер на Ливерпул, Филипе Кутињо со уште еден гол во второто полувреме. Ништо од новото чудо на „ѓаволите“ на митскиот „Ноу Камп“.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 1/4 ФИНАЛЕ

Јувентус – Ајакс 1:2, прв меч 1:1, вкупно 2:3

Барселона – Манчестер јунајтед 3:0, прв меч 1:0, вкупно 4:0

Scroll to Top