Англиските клубови немаа најдобро отварање на Лигата на шампионите, откако актуелниот шампион Ливерпул загуби со 2:0 на гостувањето кај Наполи, додека Челси успеа дома да биде поразен од „растурената“ Валенсија со 0:1. Големото дерби Борусија Дортмунд-Барселона заврши без голови откако германскиот клуб утна пенал, додека Ред бул Салцбург со неверојатни 6:2 го победи Генк.
Наполи имаше подобар старт на мечот, но Ливерпул се стабилизираше по 20-тата минута, но на полувреме се отиде без голови. Адријан имаше одлична одбрана на ударот на Дрис Мертенс на стартот на второто полувреме, а по неколкуте убави шанси за Ливерпул следуваше 81. минута и фаулот на Робертсон над Калехон за пенал, кој Мертенс сигурно го реализираше. Ливерпул тргна во лов на бод, но во 92. минута, Фернандо Љоренте стави точка на натпреварот.
Челси пак, не ги искористи шансите во првото полувреме за да биде казнет во 74. минута, кога по слободен удар, Родриго успеа да го измами Кепа и да донесе водство за Валенсија. Челси имаа совршена шанса да израмнат во 87. минута кога беше досуден пенал, но Рос Баркли ја упати топката над пречката!
Утнат пенал имаше и во Дортмунд, каде што Марко Ројс во 57. минута имаше шанси да ја „казни“ Барселона, но неговиот репрезентативен колега Тер Штеген одлично го прочита и имаше фантастична одбрана.
Во Салцбург пак, имаше неверојатен меч во кој тимот на Ред бул стигна до 6:2 победа над белгискиот Генк, најавувајќи дека ќе биде опасен противник за Наполи и Ливерпул. „Братскиот“ Ред бул, тој од Лајпциг, пак стигна до важна 2:1 победа на гостувањето кај Бенфика.
ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 1.КОЛО
ГРУПА Е
Наполи – Ливерпул 2:0
Салцбург – Генк 6:2
ГРУПА Ф
Интер – Славија Прага 1:1
Борусија Дортмунд – Барселона 0:0
ГРУПА Г
Лион – Зенит Санкт Петербург 1:1
Бенфика – РБ Лајпциг 1:2
ГРУПА Х
Ајакс – Лил 3:0
Челси – Валенсија 0:1