Top Sport

Лукаку: Ова е најглупавата насловна, Милан и Рома со блокада за „Кориере дело спорт“

Реакциите на скандалозната насловна страница на „Кориере дело спорт“ не престануваат во Италија, каде што се јавија и Ромелу Лукаку и Крис Смолинг, а дел од клубовите објавија дека отсега новинарите на весникот се „непожелни“.

Насловната на која пишуваше „Црн петок“ како најава за дуелот на Рома и Интер со ликот на Лукаку и Смолинг, наместо да стане моќна порака против расизмот во Италија по сите проблеми, стана скандал.

Откако уредникот на весникот Иван Зацарони го бранеше насловот, се јавија Смолинг и Лукаку.

„Наместо да се фокусира на битката меѓу двата тима, ’Кориере дело спорт’ оди со најглупавата насловна која сум ја видел во кариерата. Вие само ја загревате негативноста и расизмот наместо да зборувате за прекрасниот спорт кој ќе се игра на ’Сан Сиро’ меѓу два големи клуба“, напиша Лукаку.

И Смолинг реагираше.

„Би сакал денот да го поминам фокусирајќи се на големиот меч утре, но важно е да се посочи дека тоа што се случи утрово е погрешно и нечувствително. Се надевам дека уредниците ќе преземат одговорност и ќе сфатат каква моќ имаат зборовите“, напиша Смолинг.

Ситуацијата ескалираше откако Рома и Милан во заедничко соопштение објавија дека до крајот на сезоната новинарите на „Кориере“ нема да бидат пожелни на нивните натпревари.

„Веруваме дека фудбалерите, клубовите, навивачите и медиумите треба да бидат обединети во борбата со расизмот и мораме да ја понесеме одговорноста“, се вели во соопштението.

Скандалозна насловна страна на „Кориере дело Спорт“

Scroll to Top