Ромелу Лукаку потврди дека нема намера да се враќа во Челси, надевајќи се дека Интер ќе се договорат со премиерлигашот за неговата позајмица да биде трансформирана во постојан трансфер.
Лукаку се врати кај „нераѕурите“ во текот на летото во договор за позајмица за 8 милиони евра, само една година откако повторно потпиша за Челси за рекордни 98 милиони фунти, по што имаше мизерна сезона на „Стемфорд Бриџ“ со само осум гола. Белгиецот се надева дека „сините“ ќе дозволат Интер да го купат и да продолжи со настапи за својот омилен клуб и исто така потврди дека проблемите во Челси биле поради конфликт со претходниот менаџер, Томас Тухел.
„Зборував со Челси за моите односи со тренерот и затоа решив да се вратам во Интер. Работите се одвиваа бргу и среќен сум поради тоа. Се надевам дека ќе останам во Интер, бидејќи Интер е сè за мене. Но, мораме да се разбереме со Челси“, вели Лукаку за „Скај спортс Италија“.
Проблемите за 29-гоишниот напаѓач продолжија и оваа сезона, откако пропушти голем дел од сезоната поради повреда на бутниот мускул. Тој има само пет меча за Интер и два гола, додека за Белгија одигра само 54 минути на СП во Катар.