Репрезентативецот на Босна и Херцеговина, Јово Лукиќ, се најде во центарот на вниманието на фудбалската јавност откако, според податоците на Трансфермаркт, станал најбараниот фудбалер во светот.
Лукиќ привлече големо внимание по погодокот против Канада, кој воедно беше и негов прв гол во дресот на репрезентацијата на Босна и Херцеговина.
Сепак, не само голот бил причина за огромниот интерес кај навивачите и скаутите. Според статистичките податоци, босанскохерцеговскиот напаѓач имал импресивен учинок во воздушните дуели и на натпреварот ги добил сите дуели во игра со глава, пренесе „Б92“.
Со тоа го надминал досегашниот рекорд што го држел данскиот репрезентативец Јусуф Поулсен, што дополнително придонело за неговата популарност на Трансфермаркт.
Лукиќ преку ноќ стана една од најинтересните фудбалски приказни во регионот, а останува да се види дали одличниот настап во репрезентативниот дрес ќе влијае и врз неговата пазарна вредност во наредниот период.
