Top Sport

Малдини: Со љубов кон Милан, но без лудо трошење

Паоло Малдини официјално беше претставен како директор во Милан, откако подолго време одбиваше соработка со претходните сопственици на италијанскиот гигант, но вели дека никогаш не го оставил клубот.

„Никогаш не велев не пред да зборувам со луѓето во клубот. Зборував со Барбара Берлускони и ништо не се случи. Пред година и пол зборував со кинеските сопственици, но не можеа да најдат место за мене и решив да не соработувам со нив. Сега, имаме поинаква ситуација, зборував со Леонардо и со Елиот, кои ми го објаснија проектот. Леонардо беше клучен, бидејќи е мој пријател и сега ќе имаме одвоени работи. Инаку, уште сум истиот, иако можеби зборувам повеќе. Имам одговорност, но тука е и убавината да се работи со Милан. Мојот татко беше капитен на овој клуб, моите синови играа во младинските школи, врската е нераскинлива. Љубовта кон клубот и фудбалот ме донесе пак во Милан“, вели Малдини.

Легендарниот дефанзивец, кој настапи во 902 натпревари за Милан во својата долга кариера, вели дека не треба да има „лудо трошење“ на фудбалери, иако резултатите на „росонерите“ не беа ветувачки.

„Последните две години завршивме на шесто место, така што е јасно дека мораме да имаме посилен тим. Сопствениците имаат план да го држат клубот на средни или долги патеки и затоа прифатив да се вратам. Веќе зборував со тренерот Џенаро Гатузо и наскоро ќе се сретнеме, но јасно е дека нема да има лудо трошење пари“, вели Малдини.

Неговиот последен меч за Милан беше запаметен со навреди од дел од навивачите на „росонерите“, но Малдини не е загрижен.

„Моите односи со фановите се фантастични. Тие ме сакаат и секогаш го покажувале тоа, а тој инцидент треба да остане во историјата. Нема што да поправаме во односите. Мислам дека ќе ме оценуваат за мојата работа како што беше кога бев фудбалер. Не очекувам ништо. Не сакав банери кога бев фудбалер и сигурно не сакам сега кога сум директор“, завршува Италијанецот.

Scroll to Top