Top Sport

Малдини уште е „прогонуван“ од 2005 и Ливерпул: Ах, тоа финале во Истанбул (видео)

Легендата на Милан, Паоло Малдини во интервју за УЕФА зборуваше за својата кариера со „росонерите“, но се потсети и на славното финале од 2005 и поразот од Ливерпул посочувајќи: „Играв во осум финалиња од ЛШ, но луѓето се сеќаваат само на тоа“.

Малдини ја помина целата кариера во Милан, исто како и неговиот татко Чезаре, кој беше капитен на тимот кој ја освои првата европска титула во 1963 година, а во академијата на клубот се и неговите двајца синови.

„Има малку години од 1954 година во кои еден Малдини не бил дел од Милан. Мојот почеток беше во 1978 година и никогаш нема да заврши“, вели Малдини.

Паоло беше во далеку поуспешен тим од неговиот татко, освојувајќи пет титули од Лигата на шампионите, седум титули од Серија А и еден Куп на Италија. Но, поразот од Ливерпул на пенали во 2005, откако Милан имаше 3:0 водство на полувреме во Истанбул, уште е „болка“.

„Мојот гол во тоа финале во 2005 беше најбрз и најубав во финалиња на Лига на шампиони, но тој меч само покажа дека ништо не е ’готово’ во фудбалот. Малку ми е смешно што играв во осум финалиња на ЛШ и освоив пет титули, но луѓето изгледа се сеќаваат само на тој меч. Бевме фаворити, игравме многу подобро од Ливерпул и освен во тие шест минути мечот беше наш. Но, во 2007 се одмаздивме и ги победивме во финалето. Од тој меч малку се сеќавам бидејќи имав испиено многу апчиња за болки. Се сеќавам на головите на Пипо Инзаги, на крајот и на прославата. Три дена подоцна бев на операција и кога ќе се разбудев морав да прашувам дали сме победиле или изгубиле“, вели Малдини.

Scroll to Top