Top Sport

Манчестер сити покажа „заби“  – Челси „здробен“ со 6:0 (видео)

Кризата во Манчестер сити е завршена. Тимот на Пеп Гвардиола е подготвен за одбрана на титулата во Премиер лигата и за безмилосна борба со Ливерпул и Тотенхем за првото место. Ова сигурно е јасно по импресивната 6:0 победа над Челси на „Етихад“.

Тренерите на двата тима, Пеп Гвардиола и Маурицио Сари се познати по својата напаѓачка тактика, но ова неделно попладне во Манчестер играше само еден тим.

„Граѓаните“ практично го решија мечот во првите 25 минути од мечот, во кои постигнаа четири гола, а можеа да имаат пет доколку Серхио Агуеро не утна празен гол на почетокот на мечот. Сепак, Рахим Стерлинг ги „начна“ гостите, пред Агуеро да постигне два гола, и Илкај Гундоган да го уфрли четвртиот по 25 минути игра.

Во второто полувреме, Кун Агуеро, конечно, го комплетираше хет-трикот со гол во 56. минута од пенал, пред Рахим Стерлинг во 80. минута само да стави сол на раната на Челси, за кои ова е највисок пораз од воспоставувањето на Премиер лигата и доаѓа откако претходно „сините“ загубија со 4:0 кај Бурнемаут.

Сити се врати на првото место на табелата со 65 поени, колку што има и Ливерпул, меѓутоа „граѓаните“ имаат натпревар повеќе. Челси се шести со 60 поени, колку што има и петтопласираниот Арсенал, додека Манчестер јунајтед се четврти со 61 поен.

Фото: ЕПА

Scroll to Top