Top Sport

Манчестер сити со Карабао купот, трофеј број 30 за Гвардиола (видео)

Манчестер сити ја одбрани титулата од Карабао купот, односно англискиот лига-куп, откако на Вембли со 2:1 ја совладаа Астон вила, за на својот менаџер Пеп Гвардиола да му ја донесат јубилејната 30-та титула во блескавата менаџерска кариера.

Од лигашката титула со Барселона Б во својат прва деби сезона, преку тројниот трофеј на „Ноу камп“, трите титули од Бундеслигата и двете од Премиер лигата, Гвардиола успева да стигне до импресивен број на титули во само 12 сезони.

Серхио Агуеро своето враќање во првиот состав на Сити (откако не играше во ЛШ при 2:1 победата кај Реал Мадрид) го прослави со гол во 20. минута од мечот, а само десет минути подоцна беше 2:0 откако Илкај Гундоган му намести гол на Родри. Кога изгледаше дека мечот ќе биде апсолутно едностран, Мбвана Самата во 41. минута намали на 1:2. Иако Сити доминираа во поседот на топката, и Вила имаше свои шанси, од кои посебно се истакна интервенцијата на голманот Клаудио Браво во 86. минута од мечот.

Ако трофејот од Премиер лигата е недостижен, бидејќи Ливерпул има 22 поени предност на табелата, „граѓаните“ уште се во игра за два трофеи – ФА купот и Лигата на шампионите. Вила пак, сега ќе мора да се концентрира на обезбедувањето на доволно поени за да избегнат експресно враќање во Чемпионшип.

Scroll to Top