Младинскиот репрезентативец Јован Манев игра во одлична форма во пролетниот дел од сезоната во Првата македонска фудбалска лига. Тој доби нов повик од Драган Канатларовски за настап во дресот на младата репрезентација во квалификациите за ЕП 2023, но претходно треба да ги изврши и клупските обврски. Денеска го очекува гостувањето со тимот на Брегалница кај последнопласираниот Пелистер во 24. коло од Првата македонска фудбалска лига.
„Се наоѓаме во еден позитивен период по двете претходни победи. Секако тоа не не опушта затоа што знаеме дека Пелистер е навистина цврст противник кој заслужува многу повеќе бодови од моменталните во лигата. И нивното реми на гости со Ренова доволно предупредува. Ќе биде тежок дуел, но јас сум навистина оптимист и посакувам и верувам дека од Битола ќе се вратиме со трите бода“, вели Јован Манев.
Шкупи вчера ја совлада Струга Трим Лум на гости со 1:3, а на останатите денешни натпревари закажани од 15 часот се среќаваат: Ренова – Работнички, Скопје – Шкендија, Тиквеш – Академија Пандев, Борец – Македонија ЃП.
По ова коло ќе следи пауза во првенството поради репрезентативните активности.