Поранешниот фудбалер Дени Марфи ја нападна традицијата на шпалир за шампионите од Премиер лигата пред гостувањето на Ливерпул кај Манчестер сити.
Пеп Гвардиола потврди дека неговиот тим, кој лани беше шампион, ќе аплаудира на Јирген Клоп и неговите фудбалери при излегувањето на теренот бидејќи го „заслужуваат тоа“. Но, Марфи вели дека се работи за лоша традиција.
„Да, тоа е еден вид на респект, вистинска работа за фудбалските фанови, кога некој ќе победи да покажеш респект и почитување. За мене тоа се чисти глупости. Не знам каде почнало, но мене би ми било срам да го правам тоа, биејќи не е искрено. Да бев фудбалер на Ливерпул и Манчестер јунајтед ја освоија лигата, ќе го почитуваш тоа, но нема да сакаш да го правиш. Кевин де Брујоне, кој е најдобриот фудбалер од средината на теренот на светот, ќе аплаудира и ќе стои пред фудбалери кои не се вредни да му ги заврзат врвките на копачките“, вели Марфи, кој играше за Ливерпул од 1997 до 2004 година.