Тони Крос се уште не решил дали ќе остане во Реал Мадрид. Договорот на поранешниот германски репрезентативец со „кралскиот клуб“ истекува на крајот од сезоната. Крос засега не сака да зборува за иднината.
„Марка“, медиум кој секогаш има точни информации за се што се случува во клубот, пишува дека Крос најдоцна до февруари ќе донесе одлука дали ќе го продолжи договорот.
Тренерот на тимот Карло Анчелоти е оптимист, верува дека Крос ќе остане на „Сантијаго Бернабеу“.
„Марка“, во текстот посветен на Крос, го воведува во приказната и Лука Модриќ. За Хрватот пишува дека е еклатантен пример за спортска долговечност и дека капитенот на хрватската репрезентација е 37-годишник кој „се покажа како еден од најдобрите играчи од средниот ред во светот на Светското првенство во Катар, а тандемот што го формира со Крос во Мадрид веќе стана легенда“.
„Дури и доаѓањата и формата во која играат Валверде, Камавинга или Чуамени не го променија статусот на Крос и Модриќ. Наместо тоа, младоста и силата на новите играчи ни овозможија да видиме одлични верзии на овие двајца ветерани. Ова му овозможува на Анчелоти да им даде малку повеќе одмор“, пишува „Марка“.
Како и Крос, Модриќ е договорно обврзан со Реал само до крајот на сезоната. Шпанските медиуми веќе пишуваа дека Реал е подготвен да му понуди нов договор. Модриќ изјави дека неговата намера е да се пензионира во Реал, за кој сезонава одигра 18 натпревари со пет гола и две асистенции. Прашање е каква одлука ќе донесе Крос.