Мароко, Шпанија и Португалија објавија заедничка кандидатура за организација на Светското првенство во фудбал во 2030 година. Неа ја објави мароканскиот крал Мохамед Шести.
„Објавувам дека Кралството Мароко одлучи со Шпанија и Португалија да поднесе заедничка кандидатура за домаќин на Светското првенство во 2030 година“, изјави мароканскиот крал.
Пораката ја прочита министерот за национално образование, предучилишно образование и спорт Чакиб Бенмуса во Кигали, каде ФИФА в четврток ќе го одржи 73. Конгрес. Оваа заедничка кандидатура, без преседан во историјата на фудбалот, ќе биде спој меѓу Африка и Европа, меѓу северот и југот на Медитеранот и меѓу африканскиот, арапскиот и евромедитеранскиот свет, посочува тој во пораката.
Мароко во минатото неколку пати се кандидираше за домаќин на Светското првенство, а најблиску до организација на турнирот беше во 2010 година, кога загуби од Јужна Африка.
Ова е втора официјална кандидатура за домаќин на Светското првенство во 2030 година, откако Аргентина, Чиле, Парагвај и Уругвај заеднички го направија тоа на почетокот на февруари.
Следното Светско првенство е закажано за 2026 година во Мексико, САД и Канада со 48 репрезентации.
Се шпекулира дека во трката за Светското првенство во 2030 година би можеле да се приклучат Египет, Грција и Саудиска Арабија.