Top Sport

Матузалем признава: Јадев премногу моцарела, затоа не играв

Поранешниот бразилски фудбалер од средниот ред, Матузалем вели дека поминувал многу време на клупата под тренерот Емилијано Мондонико поради тоа што не можел да сопре да јаде моцарела.

Матузалем помина две сезони на „Сан Паоло“ и имаше 61 настапи за Наполи, но повеќе време помина на клупата при крајот на своето време во јужна Италија. 39-годишниот Бразилец, кој сега е пензиониран, вели дека не може да го обвини тренерот Мондонико откако ставил многу екстра килограми поради превкусното италијанско сирење.

„Моцарела, Боже мој! Не можев да сопрам, јадев толку многу што ја загубив физичката подготвеност и Мондонико ме оставаше на клупата. Како да го обвинувам, тоа беше засрамувачки за мене. Бев пресреќен во Наполи, но не бев свесен каде сум. Кога пристигнав таму го прашав тогашниот тренер Валтер Новелино: ’Кога играме со Јувентус и Интер?’. Тој ми одговори: ’Подобро заборави на тоа, бидејќи уште сме во Серија Б’. За среќа, следната сезона влеговме во Серија А“, вели Матузалем.

По Наполи, Матузалем играше и за Лацио, Парма, Џенова, Реал Сарагоса и Шахтјор Доњецк. Најдолго остана во Лацио, освојувајќи титула од Копа Италија, и иако жали што не останал подолго во Рим, вели дека е среќен од начинот на кој се одвивала неговата кариера.

„Ќе останев подолго во Лацио, но требаше да тренирам подобро. Но, гледајќи назад, можам да бидам среќен со мојот пат. Да не ми дадеа шанса во Виторија Бахија ќе завршев како многу мои пријатели од детството – во затвор или на гробишта. Живеевме во сиромашна населба, со многу дрога и деликвенти“, открива Матузалем.

Scroll to Top