Top Sport

Мечот Ливерпул-Тотенхем беше луда реклама за Премиерлигата!

Тотенхем беше на чекор да направи неверојатен камбек од 3:0 по само 15 минути игра, израмнувајќи на 3:3 во 93. минута, за само една минута подоцна да примат гол и да загубат со 4:3 и да ги поминат ривалите на петтото место на табелата. За мечот кој може да се опише како најдобра реклама за Премиерлигата и возбудливиот англиски фудбал, може да се напишат многу приказни.

Тотенхем, под водство на вториот преоден менаџер, Рајан Мејсон, имаа апсолутно ужасен почеток на мечот, примајќи три гола за 15 минути, пред во второто полувреме, да покажат малку „’рбет“ и да се вратат на 3:3 со првиот гол во Премиерлигата на Ришарлисон за Тотенхем во 93. минута, за веднаш потоа Диого Жота да постигне гол за 4:3!

Кертис Џонс во третата минута ги донесе „црвените“ во водство, само три минути подоцна Луис Дијаз да зголеми на 2:0, а по голот од пенал на Мохамед Салах во 15. минута, дел од гостинските навивачи почнаа да си одат дома. Но, тие така пропуштија еден неверојатен меч.

Хери Кејн во 39. минута намали на 3:1, а Сон Хеунг-Мин во 73. минута ги врати надежите за враќање. Во 93. минута, Ришарлисон, пречекан со свирежи од публиката на „Енфилд“ како поранешен играч на Евертон, со фантастичен гол израмни на 3:3, но веќе во следниот напад Жота успеа да ги казни Спарс.

Со победата, Ливерпул избива на петтото место на табелата со 56 поени, сега два пред Тотенхем и седум зад Манчестер јунајтед, иако „ѓаволите“ имаат натпревар помалку.

Scroll to Top