Top Sport

Трет домашен пораз во последните четири меча за ПСЖ

Пари Сен-Жермен нема конкуренција на врвот на табелата во француската Лига 1, но и најверните фанови мора да се загрижени откако тие доживеаја трет домашен пораз во последните четири меча, овојпат со 1:3 од Лориен.

Енцо Ле Фе ги донесе гостите во водство по само 15 минути игра, по што „светците“ останаа со играч помалку кога Ашраф Хакими доби втор жолт картон само пет минути подоцна. Надеж дека може да се случи камбек даде Килијан Мбапе во 29. минута користејќи ја невнимателноста на противничкиот голман Ивон Мвого, кој буквално му ја остави топката пред нозете за лесен гол, но во 38. минута Дарлин Јонгва повторно го совлада Џиџи Донарума за 1:2. Сенегалецот Бамба Диенг во 89. минута стави точка на надежите на ПСЖ, три минути откако му беше поништен гол поради офсајд.

ПСЖ остануваат лидери во Лига 1 со 75 поени, осум пред Олимпик Марсеј, кои вечерва го пречекуваат Оксер на „Велодром“.

Scroll to Top