Top Sport

Мексиканците продолжуваат да воодушевуваат (видео)

Мексико стигна до својата втора победа на Мундијалот во Русија, совладувајќи ги опасните Корејци со 2:1 за да дојдат на чекор до осминафиналето.

По импресивната 1:0 победа над светските шампиони Германија, „Ел три“ забележа уште една победа, за да се постават во совршена позиција во групата Ф, со меч со Шведска во последното коло. Од друга страна, Јужна Кореја, иако не играше лошо во двата свои меча, веќе има два порази и се елиминирани од првенството.

Мексико имаше подобар почеток на играта, и во 13. минута, Ернандез се обиде да го проигра Лозано на втората статива, но на крајот не беше сериозна опасност по корејскиот гол. Потоа за две минути следуваа две опасни шанси за Кореја – прво преку брзиот Сон, а потоа и по изведениот корнер кога Ки со глава се закани, но Очоа добро интервенираше.

Мексико дојде во водство во 25. минута, кога Џанг играше со рака во шестнаесетникот на Кореја, а Вела беше сигурен од белата точка. Џанг се обиде со лизгачки старт да го блокира Лозано, но ја крена високо раката, и српскиот судија Милорад Мажиќ досуди директен пенал без да го консултира ВАР.

Ова ги мотивираше Мексиканците, кои во 29. минута се заканија преку Лајун, а во 43. минута Лозано шутираше високо над голот.

Во второто полувреме се играше поубав фудбал и двете репрезентации имаа сериозни шанси. Прво Лозано и Чичарито во 51. минута за Мексико, а потоа, и Ки со силен удар од 20-тина метри во 56. минута. Сон повторно беше опасен за Кореја во 62. минута, а веќе во следниот натпревар, Мексико пропушта голема шанса за зголемување на водството, откако Вела упати силен, но непрецизен удар.

 

Во 66. минута, по еден брз контра-напад, Вела го пронаоѓа Чичарито, кој се ослободува од одбранбениот играч и рутински забива за 2:0. Корејците не беа обесхрабрени и тргнаа силно во напад, но голот го пронајдоа дури во 90. минута, кога Сон постигна прекрасен гол од дваесетина метри.

Фото: ЕПА

Scroll to Top