Top Sport

Меси доби „стадион“ со негово име во Аргентина

Лионел Меси во својата кариера има остварено многу, но сега доаѓа и последната почест – стадион во негово име изграден од еден навивач во неговата татковина.

Во градчето Мендоза, на 1.000 километри од родното Росарио на Меси, на „стадионот“ нема светло, нема вистински тревнат терен, ниту голови според правилата на ФИФА. Сепак, на аргентинскиот готвач со име Франциско Хавиер Гвардиола (без врски со тренерот Пеп Гвардиола), треба да му се честита за идејата да изгради „Естадио Лео Меси“ со поглед на Андите.

Неговата ќерка, Мака, ги објави фотографиите на социјалните мрежи: „Стариот изгради стадион во сред планините, и го именуваше ‘Естадио Лео Меси’. Морате да го видите, бидејќи тоа е сон на мојот татко. Мислам дека е поголема почест од таа што му ја дадоа Барселона“.

Франциско вели дека не планирал веста да стане позната.

„Сакав да оддадам почит на некој кој ни даде многу среќа. Тој е дел од нашата историја, не само во фудбалот, туку и во животот. Ова беше моја мала работа која можев да ја направам. Беше тајна, но мојата ќерка го објави тоа“, вели Франциско.

Scroll to Top