Лионел Меси отворено зборуваше за неговиот „специјален“ дуел со Кристијано Роналдо, кој ќе остане запаматен секогаш откако неговиот ривал си замина во Серија А.
Со Меси како лидер на Барселона и Роналдо како лидер на Реал Мадрид од 2009 до 2018 година, двете фудбалски суперѕвезди доминираа во светскиот фудбал, освојувајќи 11 од последните 12 „Златни топки“ и Аргентинецот смета дека долговечноста и интензитетот на ривалството со Роналдо ќе биде нешто што фудбалските фанови никогаш нема да го заборават.
„Тоа беше специјален дуел и ќе остане засекогаш, бидејќи траеше толку долго, а не е лесно да се заддржи високо ниво толку време. Покрај тоа, тимовите во кои игравме исто така бараа многу, Реал Мадрид и Барса, двата најголеми клубови на светот. Тоа што бевме на еднакво ниво толку години, мислам дека тоа ќе остане засекогаш. Спортскиот дуел беше исто толку добар на лично ниво, и мислам дека љубителите на фудбалот добро се забавуваа“, вели Меси во интервју за „ДАЗН“.
Меси посебно добри сеќавања има во „Ел класико“ дуелите со Реал, кои биле поважни кога Португалецот бил во Мадрид.
„Секако, кога Кристијано беше во Реал Мадрид тие мечеви секогаш беа посебни. Против Реал секогаш е интересно да се игра, но со Кристијано беше поинаку. Но, тоа е етапа која ја поминавме во нашите кариери и сега гледаме кон иднината“, додава Меси.