Top Sport

Меси за ривалството со Роналдо: Двајцата не сакаме кога губиме

Лионел Меси го победи Кристијано Роналдо (и Виргил ван Дајк) за да ја добие наградата за најдобар фудбалер според ФИФА, по што призна дека двајцата не сакаат да губат, но додаде дека ривалството со ЦР7 е „чисто професионално“.

Капитенот на Барселона присуствуваше на церемонијата во Милано во понеделникот, додека неговиот вечен ривал Роналдо реши да остане во Торино и да работи на подготвеноста откако закачи мала повреда.

Меси, секако, мораше да одговори на многу прашања за нивното ривалство и желбата на успех, како повеќе пати во изминатата деценија, но вели дека луѓето не треба да се изненадени што двајцата добро се согласуваат надвор од теренот.

„Поради големото спортско ривалство кое се разви меѓу нас двајца последните години, и поради тоа што јас играм за Барселона, а тој играше за Реал Мадрид, многумина сметаа дека ривалството го надминува фудбалот, но не е така. Двајцата сакаме да победуваме со нашите тимови и нормално, не сакаме да губиме. Не прифаќаме порази и затоа постои таа конкурентност. Но, таа секогаш останува на теренот“, објасни Меси.

Аргентинецот исто така призна дека сега сака домашен, континентален и интернационален успех во 2020.

„Поминаа четири години откако ја освоивме Лигата на шампионите и тоа останува главната цел. Копа Америка? Одлично е што ќе имам шанса да ја освојам титулата и следната година“, вели Меси.

Scroll to Top