Top Sport

На Манчестер јунaјтед му оди фантастично… Но, само во бизнисот

Манчестер јунајтед објавија дека имаат рекордни приходи од 627.1 милиони фунти и профит од 50 милиони фунти за 2019 година, покрај намалувањето на долгот, по што тимот во соопштение објави дека е „посветен на освојувањето трофеи“ по катастрофалната форма по заминувањето на Сер Алекс Фергусон.

Пласманот во четврт-финалето од Лигата на шампионите помогна да се зголеми приходот од ТВ-правата, но се очекува прометот да падне на 580 милиони фунти во 2020 поради неуспехот да се квалификуваат во ЛШ. Јунајтед се на второто место во глобалниот фудбал според приходите, бидејќи Реал Мадрид во 2018 имаат приход од 662.5 милиони фунти.

Позитивните финансиски резултати доаѓаат и покрај слабата низа на резултати на тимот на Оле Гунар Солскјер од март – имаат само 5 победи во последните 19 меча во сите натпреварувања. Извршниот директор Ед Вудвард вели дека тие се посветени на успехот.

„Остануваме фокусирани на планот за обнова на тимот и засилување на младинскиот систем според фудбалската филозофија на клубот и менаџерот. Ова се гледа во ангажирањето на тројца млади фудбалери и продолжувањето на договорите. Сите во Манчестер јунајтед се посветени на првата цел, освојувањето на трофеи“, вели Вудвард.

Јунајтед ги донесоа Даниел Џејмс, Арон Ван-Бисака и Хери Мегвајр за комбинирани 143 милиони фунти, а го продадоа Ромелу Лукаку (74 милиони фунти) и го пратија Алексис Санчез, во Интер, намалувајќи ги трошоците. Нови договори добија Фил Џонс, Виктор Линделоф, Скот Мектоминеј, Давид де Хеа, Маркус Рашфорд, Антони Марсија и Лук Шо.

Scroll to Top