Менаџерот Мино Рајола, но и таткото на Ерлинг Халанд, Алф-Инге се „најзаслужни“ што норвешкиот талент потпиша договор со Борусија Дортмунд , а не замина во Манчестер јунајтед или Јувентус, тврдат англиските и италијанските извори.
Дортмунд за само 21 милиони евра го донесоа 19-годишниот голгетер на „Вестфален“ во изненадувачки трансфер денеска, откако претходно се тврдеше дека тој сигурно ќе заврши како колега на Кристијано Роналдо во Јувентус.
Сепак, италијанските шампиони биле одбиени поради превисоката годишна плата која ја барал неговиот супер-агент Рајола од 8 милиони евра годишно.
Јунајтед пак, го пропуштиле потписот на Халанд бидејќи не сакале да се согласат на барањата на неговите претставници да добиваат значителен дел од следниот трансфер на тинејџерот. Според „Дејли мејл“, Манчестер јунајтед едноставно не сакал да се постави во позиција Рајола да го „диктира“ следниот трансфер на Халанд, посебно откако со агентот имаат лошо искуство со Пол Погба и постојаните условувања и закани со трансфер.
Оле Гунар Солскјер, кој работеше со Халанд во Молде, бил во посета на Салцбург овој месец за да го убеди сонародникот, но на крајот Рајола го диктирал „темпото“ на сите разговори.