Конечно, дојде крај на една од најлошите сезони во историјата на Реал Мадрид. На лош начин – со домашен пораз од 0:2 од Бетис, со која „Лос бланкос“ имаат неверојатни 12 порази во шпанската лига оваа сезона.
Враќањето на Зинедин Зидан не придонесе за враќање на формата на „кралевите“, и сега секако, следува повторно градење на тимот, најверојатно со вложување на многу пари и со носење на ѕвезди на „Сантијаго Бернабеу“.
Во мечот од неделното 38. коло, Реал беше „матиран“ во второто полувреме, кога Лорен во 61. минута и поранешниот фудбалер на Реал, Хесе Родригез, во 75. минута го совладаа Кејлор Навас, за кого ова најверојатно беше последен меч на голот на мадридскиот гигант.
Реал сезоната ја завршува на третото место со 68 поени, далеку зад првопласираната Барселона со 86 (кои можат да бидат 89 ако победат во последното коло). Бетис се само 10. со 50 освоени поени.