Тинејџерот Моисе Кин вели дека е подготвен да ги сруши сите рекорди откако постигна гол во својот прв старт за италијанската репрезентација, по што му се заблагодари на Кристијано Роналдо за работите кои ги научил од него во Јувентус.
Кин, кој првпат настапи за Италија во ноември, влезе во историјата на фудбалот на „аѕурите“ со гол во 74. минута при 2:0 победата над Финска во квалификациите за Евро 2020. 19-годишниот фудбалер на Јувентус е најмлад стрелец за Италија од 1958 година.
„Секогаш се обидувам да бидам подготвен и да тренирам како што е потребно за да добијам шанса. Секако дека сум среќен, и ова ми дава мотивација да продолжам да работам. Има уште многу рекорди за мене и сакам сите да ги срушам. Кога селекторот ќе ме стави во игра, јас сум подготвен“, вели Кин.
Тој им се заблагодари на сите соиграчи од Јувентус, а посебно на Кристијано Роналдо, од кој вели дека научил многу на тренинзите.
„Кога тренирам со моите соиграчи во Јувентус, како Кристијано Роналдо, нормално дека ќе научам нешто. Им благодарам за тоа“, вели Кин.