Поранешниот француски шампион Монако потврди дека го суспендирале својот тренер Тјери Анри додека клубот ќе одлучува за неговата иднина, зголемувајќи ги шпекулациите дека поранешниот светски шампион со Франција ќе биде отпуштен исто како и неговиот претходник Леонардо Жардим.
Шампионите од 2017 се во зоната за испаѓање со пет победи во 20 меча под Анри, кој дојде на клупата во октомври. Франк Паси, кој беше именуван за помошник на Анри на 20 декември, денеска го одработи тренингот со клубот.
Анри „полуде“ при саботниот 1:5 домашен пораз од Стразбур, нарекувајќи ја бабата на противничкиот дефанзивец Кени Лала „курва“. Тој исто така се жалеше на нефункционирањето на ВАР системот во мечот, велејќи дека тоа е главната причина за поразот.
За најдобриот стрелец во историјата на премиерлигашот Арсенал, ова е прва тренерска работа, откако претходно беше помошник на Роберто Мартинез во белгиската репрезентација, со која освои бронза на СП во Русија. Тој беше еден од кандидатите за тренер на Астон вила во октомври, пред да го замени Жардим.
Фото: ЕПА