Top Sport

Може ли Македонија да го издржи ритамот на Англичаните на „Олд Трафорд“?

Топспорт во Манчестер,

Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва ќе го има најголемиот предизвик во досегашниот тек од квалификациите за Европското првенство во Германија 2024 година. Гостува на култниот „Олд Трафорд“ против селекцијата на Англија, која делува како голгетерска машинерија на стартот од циклусот.

Англичаните им дадоа четири гола на Малтежаните, претходно со 2:0 ја победија и Украина дома и сѐ уште се без примен гол.

„Ова дефинитивно е најголемиот предизвик, но од друга страна и огромен мотив. Играме против најголемиот фаворит, а Македонија е чуден тим и знае посебно да се мотивира против најдобрите. Далеку од тоа дека се закануваме, но посакуваме да одиграме еден одличен меч и да се обидеме да направиме чудо“, вели капитенот Стефан Ристовски.


Селекторот Благоја Милевски има една дилема, кој да го замени суспендираниот Висар Муслиу во одбраната. Дарко Велковски е поискусен, но имаше здравствени проблеми поради кои остана на клупата против Украинците. Лекарскиот тим стори сѐ да го оспособи, па најверојатно ќе успее да биде стартер. Втората е опција е таа позиција да ја заземе Јован Манев.

Македонија падна на физички план против Украинците во второто полувреме. Прашањето е како да го задржиме ритамот против гордиот Албион во текот на сите 90 минути, и дали е тоа можно…Затоа што кога ќе следат неколку промени во тимот, тогаш ритамот се губи и „црвено-жолтите“ не можат да одговорат на притисокот на противникот.

Вечерва ќе биде посебно тешко, затоа што од другата страна се фудбалери од највисока класа, Кејн, Грилиш, Фоден, Рајс…

Scroll to Top