Жозе Мурињо беше еден од коментаторите на „Скај спорт“ за големото англиско дерби помеѓу неговиот поранешен клуб Манчестер јунајтед и Ливерпул и процени дека од 1:1 ремито поголеми фрустрации ќе има Јирген Клоп, додека Оле Гунар Солскјер треба да е горд на постигнатото.
„На Клоп не му се допаѓаше менито. Тој сакаше месо, но доби риба. Јунајтед со сите ограничувања кои ги имаат во моментов, играа со пет луѓе назад и беа солидни и не даваа шанса за транзиција. Имаа одличен скор со толку победи, но против тим со ниски блокови не можеа ништо. Тие можат да ги смачкаат противниците кои играат како што посакуваат тие. Јирген мора да е исфрустриран. Но, на ’Олд Трафорд’, место каде што е посебно да се победи, уште нема победено. Оле и Јунајтед ќе се помалку разочарани бидејќи една грешка ги чинеше два поени. Имаа план, и одеа под него и најверојатно резултатот е фер. Да бев Оле ќе бев горд“, изјави Мурињо.
Јирген Клоп пак изјави дека е задоволен од резултатот, но дека првото полувреме покажало со кои предизвици се соочува фудбалот со ВАР системот по две одлуки кои очигледно го изнервираа.
„Резултатот е океј. Не е тоа што го посакувавме, но мораме да бидеме задоволни според тоа како се одвиваше мечот. Не ми се допадна првото полувреме, бидејќи им дадовме шанса да играат како што сакаат – да бидат агресивни. Не беа подобри од нас, но правеа што сакаа. Постигнаа гол кој ги покажува проблемите со ВАР. Судијата Еткинсон дозволи мечот да продолжи токму поради ВАР. За мене тоа беше чист фаул. Тогаш постигнавме гол кој ни беше поништен. Сè беше против нас, но не загубивме, така што е океј. Во финишот бевме 100 отсто подобри“, изјави Клоп за „Скај спортс“.
Лалана постигна гол по 18 месеци и донесе реми за Ливерпул на „Олд Трафорд“ (видео)