Жозе Мурињо во понеделникот повтори дека новиот напаѓач на Манчестер јунајтед, Ромелу Лукаку ја има неговата целосна поддршка и дека треба да биде „недопирлив“.
Лукаку постигна 11 гола за Јунајтед по трансферот од Евертон вреден 75 милиони фунти, но беше на удар на критиките откако нема постигнато гол пет натпревари, иако го „намести“ голот на Антони Марсијал во саботата за победа од 1:0 над Тотенхем.
„Мислам дека Ромелу е еден од играчите кој треба да биде недопирлив кога се зборува за почит од другите. Тоа што го прави тој за тимот е фантастично, а работата на напаѓачот не е само да дава голови. Не беше тивок против Спарс, прашајте ги Тоби Алдервирелд, Јан Вертонген и Ерик Даер. Тоа се едни од најдобрите централни дефанзивци на светот“, вели Мурињо на прес-конференцијата пред мечот против Бенфика во Лигата на шампиони.
Јунајтед се први во групата А со три победи во три меча и ќе се квалификуваат за осминафиналето доколку имаат подобар резултат од тој што ќе го има ЦСКА Москва против Базел.
„Десет поени се ОК за квалификување, но целта е да бидеме први во групата“, додава Мурињо.