Жозе Мурињо честопати зборуваше дека фантастичниот успех со Интер и тројната титула му се најмилиот спомен во богатата тренерска кариера, но сега во ново интервју вели дека престојот во Реал Мадрид бил најдобро искуство поради лекциите кои ги научил и сеќавањата кои ги добил.
Откако веќе имаше успех со Порто, Челси и Интер, Мурињо пристигна на „Сантијаго Бернабеу“ во 2010 година и остана таму до 2013, освојувајќи ја титулата од Ла лига во 2011/12 и еден трофеј од Копа дел Реј пред да се врати во Челси. И покрај тоа што освои титули од ЛШ со Порто и Интер, „Бернабеу“ уште му недостига.
„Реал Мадрид ми беше најдоброто искуство поради тоа што го научив како тренер, како човек, поради лекциите кои ги добив и поради мојата кариера. Тоа е најдоброто сеќавање на кариерата, беше фантастично“, изјави Мурињо за португалскиот ТВ-канал „11“.
Најлутото ривалство во Шпанија секако му беше со Барселона под водство на Пеп Гвардиола, тим кој имаше низа успеси. Мурињо го сопре ова со победата во продолженија (1:0) во финалето на Копа дел реј во 2011, по што во 2011/12 имаа рекорд од над 100 поени.
„Тоа што го бараа во Реал од мене беше во мојата природа. Ми кажаа дека го имаме најдобриот тим на другата страна, дека не кршат и дека мораме да направиме пресврт. Моравме да ги спречиме Барса и затоа тоа финале на ’Месталја’ беше најважно. За жал, не успеав да стигнам до титулата од ЛШ иако трипати игравме во полуфиналето“, додава Мурињо.