Германскиот првак Баерн Минхен загуби од Вилјареал со 1:0 во првиот четврт-финален натпревар од Лигата на шампионите. Тренерот Јулијан Нагелсман призна дека неговиот тим не бил на потребното ниво и дека можат да бидат среќни што немаат и поголема негатива по дуелот во Шпанија.
„Заслуживме да загубиме, не бевме на потребното ниво. Ќе мораме да бидеме многу подобри во реваншот ако сакаме да се пласираме во следната рунда. Во првото полувреме ни недостигаше цврстина во одбраната, а во второто очајнички сакавме да дојдеме до гол и можевме да примиме барем уште два“, изјави тренерот на Баерн Минхен.
Баварците и во претходната рунда од ЛШ загубија од Салцбург на првиот меч, но потоа остварија убедлив триумф на домашен терен.